Пратеничката Благица Ласовска информира дека тие поднеле Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за основно образование со цел да се овозможи континуитет во изучувањето на предметот Историја.
Таа рече дека најавите за укинувањето на предметот Историја предизвика голем број на негативни реакции како од граѓаните во Република Македонија така и од професионалната фела која што остро се спротивстави на овој нов концепт промовиран од министерката Мила Царовска. Ласовска потсети дека Институтот за историја при Филозофскиот факултет едногласно се изјасни дека решително го отфрла интегрирањето на предметот историја со науки од сосем различен вид.
Речиси идентично се изјаснија и голем број професори од Институтот за национална историја. Претседателството на МАНУ побара систематско и посебно изучување на историјата. Филозофскиот факултет во Скопје, како и Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје заклучија дека предметот историја треба да остане како самостоен предмет. По одржаната јавна расправа на ден 5-ти февруари 2021 година во Собранието на тема „Нацрт Концепцијата за основното образование“, ставот на поголем дел од учесниците во јавната расправа како преставници на државотворни институции е идентичен односно историјата да се изучува како посебен предмет. Компаративните искуства во однос на изучувањето на предметот Историја покажуваат дека во 20 од 27-те земји членки на Европската Унија, во основното образование се изучува предмет историја, а не содржини кои традиционално ѝ припаѓаат на историјата во рамките на друг предмет, како што се предвидува со Концепцијата подготвена од Министерството за образование, туку самостоен предмет.
-Сметаме дека изучувањето на историјата придонесува кон оформување на историска свест кај граѓаните и ги мотивира да развијат чувство на одговорност кон историското наследство и заедничките добра. Од оваа причина, училиштето треба да го истражува, збогатува, продлабочува и консолидира знаењето на историјата. Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и претставници на илјадници граѓани во Собранието на Република Македонија бараме од министерката Мила Царовска да престане со овие погубни експерименти во образовниот процес бидејќи единствена штета од овие штетни политики ќе имаат токму нашите деца и идните генерации на ученици, истакна Ласовска.
Таа апелира до парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ да дадат поддршка на овој предлог закон и заедно да се зачува и негува богатата историја на македонскиот народ и сите останати народи кои се дел македонската држава.