СДС ја доведе државата до работ на банкрот, велат од власта
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во остро соопштение реагираше на критиките од СДС, оценувајќи ги како лицемерни и неосновани. Според нив, токму опозицијата е одговорна за економскиот и институционален крах кој се случил во изминатите седум години.
Филипче: Македонија понижена по една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН
„Лицемерно е СДС да зборува дека Македонија била понижена, бидејќи тоа што СДС го направи за 7 години на државата, ќе треба време да се исправи, но затоа имаме доверба од граѓаните да доведеме ред“, стои во реакцијата.
Од партијата посочуваат дека јавниот долг пораснал од 47% во 2017 на 65% во 2024 година и дека државата била на работ на финансиски колапс. Тие прашуваат каде се парите од буџетот, и ги споменуваат, како што велат, инвестициите на функционери на СДС во авиокомпании и висококатници во Дубаи. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека денес македонската економија е четврта во Европа, а платите се зголемуваат.
Земјоделците повеќе не протестираат – исплатени 9 милијарди денари субвенции
Во делот за земјоделството, ВМРО-ДПМНЕ ја нападна СДС за неисплатени субвенции и за доцнење на плати во институциите. „Секојдневно имавме протести од незадоволни земјоделци, а во институциите како Македонски шуми и АД Водостопанство – платите доцнеа по неколку месеци“, посочуваат од партијата.
Тие нагласуваат дека со доаѓањето на власт исплатиле рекордни 9 милијарди денари субвенции за 2021, 2022, 2023 и 2024 година и дека сите плати сега се исплаќаат навремено.
Во делот за инфраструктурата, ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДС дека за седум години успеале да доградат само 10% од патот Кичево-Охрид, додека, според нив, проектот бил завршен 53% уште во 2017. Стратешкиот договор со ОК, како што велат, е транспарентен и ја подобрува македонската инфраструктура.
Учебници, студентски уреди и реконструирани факултети – нов пристап за младите
Во соопштението се тврди и дека образовниот систем денес е функционален.
„Учениците на први септември имаат учебници, во време на СДС, не постоеја учебници“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, посочуваат дека се реконструираат студентските домови и факултетите, а од септември секој студент ќе добие електронски уред во вредност од 250 евра.
За здравството, ВМРО-ДПМНЕ го споменува случајот со пожарот во тетовската болница, недостигот од онколошки терапии и обвинувањата за провизии при набавката на вакцини, како и бројката од 10.000 починати за време на пандемијата, за што ја обвинуваат СДС и Венко Филипче.
Во делот за судството и безбедноста, партијата обвинува дека за време на владеењето на СДС се доделувале пасоши на криминалци, а судството било под целосна партиска контрола. „Судството кое треба да носи правда, е избрано од нивните тефтерчиња во Муртино“, стои во соопштението.
Во заклучок, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Македонија денес се гради како никогаш досега – со нови градинки, училишта, улици и капитални инвестиции, а во надворешната политика, како што велат, државата е повторно на вистинскиот пат. „Со проекти и дела, не со соопштенија и прес-конференции“, велат од партијата.