ВМРО-ДПМНЕ со остри обвинувања кон шефот на ЈО ГОКК, Ислам Абази, тврдејќи дека ја ставил правдата во служба на СДС и ДУИ со одлуката да се затвори предметот за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, тежок 167 милиони евра.
Од партијата велат дека станува збор за скандалозна одлука со која, како што наведуваат, од кривична одговорност биле спасени поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, бизнисменот Асмир Јахоски и други лица поврзани со случајот.
„Во случајот во кој целата јавност виде сериозни индиции за тежок криминал, Абази не виде докази“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата тврди дека шефот на ЈО ГОКК имал законска можност да го продолжи гонењето или предметот да го предаде на друг обвинител, но наместо тоа дал согласност случајот да биде затворен уште пред да стигне во судска постапка.
Во реакцијата се посочува и дека ова е првпат случај од, како што велат, „толку висок јавен интерес“ да биде затворен пред да биде доставен до суд.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека одлуката е донесена од политички, а не од правни причини и побара Ислам Абази да поднесе оставка.
Во соопштението партијата упати критики и кон Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев, тврдејќи дека сè уште имаат влијание во правосудниот систем.
