Според партијата, невработеноста се намалила, а вработеноста бележи раст
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да спроведува политики насочени кон економски раст, отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните, а официјалните статистички податоци, според партијата, покажуваат дека тие мерки веќе даваат резултати.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,3 проценти, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.
„Официјалните податоци на Државниот завод за статистика потврдуваат дека овие политики веќе даваат конкретни резултати. Стапката на невработеност е намалена од 12,5% на 11,3%, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6% на 46,5%“, наведуваат од партијата.
Според соопштението, во првиот квартал од 2026 година биле евидентирани 707.385 вработени лица, наспроти 691.736 во второто тримесечје од 2024 година.
„Ова претставува значителен раст на бројот на вработени и уште една потврда дека мерките на Владата се движат во вистинска насока“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Речиси 40 милиони евра за вработување
Од партијата посочуваат дека позитивните показатели се резултат на поддршката за домашните компании, привлекувањето инвестиции и мерките за отворање одржливи работни места.
Во таа насока го издвојуваат Оперативниот план за вработување за 2026 година, чија вредност изнесува речиси 40 милиони евра и предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица.
„Од овие средства, над 32 милиони евра се наменети директно за креирање нови работни места и поддршка на активните мерки за вработување“, се наведува во соопштението.
Посебно внимание, како што додаваат, е посветено на мерката за самовработување и претприемништво, преку која се очекува отворање на повеќе од 2.000 нови работни места.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека во рамки на Оперативниот план за 2025 година биле основани повеќе од 2.200 нови правни субјекти.
Акцент на младите и ранливите категории
Во соопштението се наведува дека младите остануваат еден од главните приоритети на Владата.
Со Оперативниот план за 2026 година е предвидено вклучување на речиси 6.000 млади лица до 29 години во различни мерки за вработување, обуки и професионален развој.
„Дополнително, 3.500 млади лица до 23 години кои се вработени во производствените капацитети ќе добиваат младински додаток во висина од 3.000 денари месечно, со што се стимулира нивното вработување и останување на домашниот пазар на труд“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека преку практикантства, обуки, преквалификации и доквалификации ќе се овозможи полесно вклучување на младите на пазарот на трудот.
„Нашата цел е јасна, повеќе работни места, повисоки приходи, посилна економија и подобар животен стандард за сите граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
