На прес -конференција, претседателката на комитетот и заменик министерка за здравство Мира Ракацоли, изјави дека постојните мерки ќе останат во сила, притоа повикувајќи ги граѓаните да ги спроведат.
-Бројот на заразени е значително зголемен, а причината е присуството на делта варијантата. Бројот на невакцинирани заразени е 32-пати поголем од вакцинирани. Хоспитализирани со тешки форми се претежно невакцинирани. Проблемот е спроведувањето на мерките што ги имаме во сила. Ситуацијата може да се контролира, со одржување на истото ниво на мерки, но со нивно спроведување и што помасовен одзив за вакцинација, изјави Ракацоли.
Посочи дека полицискиот час и понатаму ќе трае од полноќ до 6 часот, музика во угостителските објекти ќе може да има до 23:00 часот, останува обврска за носење маската во затворени простории и каде има групирања, особено на аеродроми, ќе продолжат да се дозволуваат собири на отворено до 50 луѓе, спортски активности, театарски претстави и културни настани, со пополнетост на капацитетите до 30 отсто.
И директорката на Институтот за јавно здравје Албана Фицо, како член на комитетот, изјави дека „мерките не се сменети, туку треба да се спроведат она што се, како што е употребата на маска, одржување растојание и хигиена“.
-Неделниот просек на нови случаи стигна на 482 случаи, од 291 пред една недела. Вкупниот број на активни случаи во земјата се зголеми од 5.573 на 5.792, што доведе до зголемување на инциденцата во изминатите две недели за околу петпати. Во однос на позитивноста на примерок, таа останува на 7,8 отсто. Стапката на смртност е 1,8 отсто. Кај возрасната група 35-64 години има значително зголемување на бројот на нови случаи. Саранда, Химара, Голема Малесија, Скадар, Тирана и Валона се општините со највисока инциденца, рече Фицо.
Според професор Димитар Краја, член на комитетот, моментно болнички се третираат 90 ковид пациенти во Инфективната клиника во Тирана, од кои 60 отсто се мажи, 55 отсто се постари лица, 15 отсто млади, додека 30 отсто од хоспитализираните се во сериозна здравствена состојба.