На годишно ниво, вкупните кредити бележат раст од 5,7 отсто при раст на кредитите кај двата сектори, поизразен кај секторот „домаќинства“, соопшти денеска Народната банка.
-Паричната маса во април 2021 година бележи пад од 0,1 отсто на месечна основа, којшто пред сè е резултат на намалените депозитни пари, а во помал дел и на долгорочните депозити до две години, во услови на остварен раст кај останатите компоненти. Споредено на годишна основа, паричната маса е зголемена за 8,5 отсто и во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари, при позитивен придонес и на краткорочните депозити и готовите пари во оптек, во услови на забележан пад кај долгорочните депозити до две години, стои во соопштението.
Во април, како што се наведува, вкупните депозити забележаа месечно намалување од 0,5 отсто, како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, во услови на умерен раст на депозитите кај домаќинствата. Во споредба со истиот период минатата година, вкупните депозити се повисоки за 6,9 отсто, при раст на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор.
– Вкупните кредити овој месец остварија месечен раст од 0,7 отсто при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст изнесува 5,7 отсто и произлегува од повисокото кредитирање кај двата сектора, коешто е поизразено кај секторот „домаќинства“, се вели во соопштението.
Од Народна банка посочуваат дека вкупните депозити на корпоративниот сектор во април, бележат пад од 0,9 отсто на месечно ниво. Падот, како што се наведува, во најголем дел произлегува од намалените депозитни пари и во помала мера заради долгорочните депозити во денари, при раст кај останатите компоненти. Анализирано на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 14,3 отсто, главно како резултат на зголемените депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните и на долгорочните депозити во странска валута, при пад кај останатите компоненти.
Во април, пак, кредитите на корпоративниот сектор забележаа месечно зголемување од 0,8 отсто, целосно заради зголеменото кредитирање во денари, во услови на остварен пад на кредитите одобрени во странска валута. Годишниот раст од 2,3 отсто се должи на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поизразено учество на кредитите во денари.
– Вкупните депозити на домаќинствата во април бележат квартален и годишен раст од 0,2 отсто и 4,7 отсто, соодветно. Нагорната промена по двете основи се објаснува со зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти. Во април, кредитите на домаќинствата се повисоки за 0,6 отсто на месечна основа и 8,9 отсто на годишна основа. Притоа, на месечна основа, кредитирањето на домаќинствата во странска валута е поголемо од кредитирањето во домашна валута, додека на годишно ниво придонесот на кредитирањето во денари е значително поголем во однос на кредитирањето во странска валута, стои во соопштението.
Од Народна банка посочуваат дека во април, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, остварија месечен раст од 0,9 отсто и 1,3 отсто, соодветно, при годишен раст од 7,7 отсто и 14,1 отсто, соодветно.
Кај автомобилските кредити е забележан пад на месечна и годишна основа, за 1,7 отсто и 14,5 отсто, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец се намалија за 1,2 отсто на месечно ниво, а на годишно ниво тие се пониски за 8,1 отсто. Во април, негативните салда на тековните сметки бележат месечно намалување од 4,8 отсто, при остварен годишен раст од 0,6 отсто. Кредитите одобрени врз други основи, во април бележат месечен и годишен пад од 0,7 отсто и 6,6 отсто соодветно.