Во битолскиот театар, на сцената „Благоја Стефановски-Баге“, Фестивалот ќе го отвори НУ Опера и Балет-Скопје со операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во која диригент е Бисера Чадловска, а со хорот и оркестарот на НОБ ќе настапат солистите Зоран Сотиров, Билјана Јосифов, Горан Начевски, Јане Дунимагловски и Драган Ампов.
Според фестивалската програма, до 12. октомври во Битола концерти ќе одржат Маурицио Матарезе и Карла Авентаџиато од Италија, Александар Рам и Ана Одинцова од Русија, Михаил Кун и Кристоф Еверс од Германија, а ќе настапат и уметници од Унгарија, Турција, Србија и Северна Македонија.
За публиката на јубилејниот Интерфест програмирани се и придружни содржини, ликовна изложба „Боја родена од музиката“ сочувани дела од ликовниот уметник Борислав Траиковски (1917-1996) како и поетска вечер посветена на Блаже Конески.