Обезбедувањето на Африка со вакцини против Ковид-19 не е само морална должност, туку е и во интерес на Европа и светот, бидејќи тоа ќе спречи повторно појавување на нови видови коронавирус, нагласи францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата посета на Руанда.

Макрон посочи дека Франција планира да испорача 30 милиони вакцини во Африка до крајот на оваа година, дека Германија исто така ќе испорача 30 милиони и дека Европската унија годинава ќе испорача повеќе од 100 милиони вакцини во Африка.

-Помагањето на Африка да се вакцинира … е пред се и должност што ја диктира нашата солидарност и едноставно е … во интерес на сите европски земји и сите земји во светот, рече францускиот претседател за време на посетата на центар за вакцинација во Кигали.

Макрон истакна дека во сите земји во светот мора да се вакцинираат, бидејќи во спротивно коронавирусот ќе продолжи да се шири и мутира.

-Затоа, оваа стратегија не е само морална обврска, туку и здравствено барање, додаде францускиот претседател.