Дневно ширум државата ќе се вакцинираат по 4 000 граѓани, а Филипче очекува дека за кратко време бројот на дневно вакцинирани ќе достигне и 7 000
Во понеделник во салата „Борис Трајковски“ почнува вакцинацијата на вработените во критичката инфраструктура, како вработените во МВР, Армијата, новинари, службите во Град Скопје односно оние кои имаат голем број на контакти согласно карактеристиките на работното место, но и согласно возраста на лицата и евентуални коморбидитети и хронични болести.
Тие ќе се имунизираат со руската вакцина „Спутник В“, која земјава ја доби како донација од Србија. За понеделник се закажани околу 3 000 термини.
„Процесот на вакцинација ширум пунктовите во државата се одвива добро. Вчера се вакцинирани околу 1 300 луѓе. За понеделник во салата ’Борис Трајковски‘ се закажани нешто помалку од 3 000 термини што значи дека во просек, за почеток ќе бидат вакцинирани околу 4 000 луѓе дневно ширум државата, а веруваме дека таа бројка за кратко време ќе достигне и 7 000. Такви се проекциите“,изјави министерот Венко Филипче кој денеска присуствуваше на настан во салата каде има симулација како ќе се одвива целиот процес.
Во салата ќе работат вработени од администрацијата во Министерството за здравство и во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а здравствените работници кои ќе бидат ангажирани се од Центарот за јавно здравје – Скопје, ИЈЗ и од здравствената станица „Железара“. Во две смени ќе работат околу 20 медицински сестри и 5 доктори. Плановите се, пунктовите да работат седум дена во неделата.
„Денеска ќе направиме проба како ќе биде текот на процесот, каде ќе се прави првичниот прием, понатаму проценката и пристапот, каде ќе се прави иницијалниот преглед и оној дел каде ќе се издаваат потврдите и датумот за ревакцинација. Веќе тука се и фрижидерите каде ќе се донесат вакцините. Ќе има и обележани делови за итна медицинска помош и секако овој централен простор помеѓу пунктовите наменет за 15-20 минути опсервација по завршената вакцинација“,рече Филипче.
Министерот повика граѓаните масовно да се вакцинираат зошто тоа е единственото оружје за борба против вирусот. Како ќе доаѓаат следните количини на вакцина, рече тој, ќе се распоредуваат во системот. Во пунктовите ширум државата постепено ќе се намалува старосната граница за граѓаните кои ќе се вакцинираат, а во „Борис Трајковски“ ќе се одвива имунизацијата на вработените во институциите.