Запленувањето на 183 пакувања кокаин изложени во воената база на Португалската морнарица во предградието на Лисабон претставува најголема заплена на дрога во Португалија во изминатите 15 години, изјави директорот на португалската судска полиција, Луис Невес.
– Ова е тежок удар за оние кои сакаат да ја преплават Европа со кокаин, истакна Невес на прес-конференција во врска со операцијата наречена „Бела плима“, која е спроведена во соработка со шпанските власти и со поддршка на американската сојузна Агенција за борба против дрога (ДЕА) и британската Агенција за борба против криминал (НЦА).
Тројцата мажи приведени во саботата од припадниците на португалската морнарица и воздухопловните сили се осомничени дека припаѓаат на моќна криминална мрежа која организира трговија со големи количества кокаин меѓу Латинска Америка и Европа.
Меѓу нив се наоѓа нарко дилер, веќе познат на властите, против кого е распишана потерница од март, соопштија шпанските власти.
– Соработката меѓу двете земји ни овозможува да испратиме јасна порака до трговците со дрога дека нема да биде лесно да се тргува во Шпанија и Португалија, изјави претставникот на шпанската полиција Антонио Мартинез Дуарте.
Минатиот петок шпанските власти објавија дека заплениле 2,5 тони кокаин на бродот „Голдвасер“, во близина на португалските Азорски Острови.