Украдени се бакарни цевки во должина од 20 до 30 метри во модуларната болница, во кругот на Клиничка болница-Штип. Кражбата се случила пред неколку денови за што потврдува и портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска. Кражбата во Полициската станица-Штип е пријавена на 25 ноември, кога вработен во болницата забележал дека вратата на модуларната болница е отворена, по што е констатирано дека крадци оперирале во неа и успеале да украдат бакарни цевки во должина од 20 до 30 метри.
Портпарлот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека според пријавата кражбата се случила меѓу 22.30 и 23.00 часот на 24 ноември. Увид извршиле полициски службеници и се работи на расчистување на кражбата.
По овој успешен обид на кражба на бакарни цевки, во март годинава имаше обид за кражба на бакарна цевка од боца за кислород во гас централата, што го снабдува инфективното одделение во Клиничка болница-Штип. Тогаш крадецот се уплашил од шуштењето на воздухот, со што штетата не беше направено. Штипската модуларна болница е затворена и во неа не се хоспитализираат пациенти. Оваа зграда е одалечена од останатите згради на болницата.