Бројот на наши попишани граѓани од дијаспората надмина 60 илјади. На прво место е Швјацарија со околу 16 илјади, што е една четвртина од очекуваните бројки, потоа следат Германија со 10 илјади, Италија со шест илјади. Во Канада и Австралија има далеку послаби резултати, за што Министерството за надворешни работи презема дополнителни активности и повикува што поголем број да се охрабрат и одвојат неколку минути за овој процес, изјави денеска на прес-конференција Министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Веројатно постојат повеќе причини за степенот на заинтересираност на нашата дијаспората, да не констатирам јас, дали тој степен е слаб или силен бидејќи имаме уште 35 дена можност граѓаните да се само попишуваат. За разлика од Европските држави, во прекуокеанските заинтересираноста е помала, пред се, Канада и Австралија се со помал одѕив на попишување, веројатно дистанцата и информираноста си го прават своето, не можам да прејудицирам дали има одредени други причини, вели Бујар Османи – Министер за надворешни работи.
За ВМРО ДПМНЕ, слабите бројки ја побиваат тезата на СДСМ за голем број на иселени лица од државата.
– Главна теза на СДСМ им беше дека за 10 години имало 600.000 иселени, плус дијаспората од претходно, а од сето ова има само 50.000 попишани во овој период, и тоа на апликација која што падна и е проблематична, пробиена и девалвирана од првиот ден, истакна Наум Стоилковски, портпарол на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пописот во Македонија треба да започне на 1 април, но веќе се соочува со тешкотии, откако дел од политичките партии во земјава, но и здруженија повикаа на негов бојкот. Причината за тоа меѓудругото тие ја наведоа во лошата епидемиолошка слика во земјава, но и обвинувањата за политизирање на статистичката операција.
Од Заводот за статистика пак уверуваат дека се е подготвено, а одложување може да има само доколку тоа го побара Комисијата за заразни болести.