Денеска почнува со работа нова германска компанија од автомобилската индустија во соседна Србија.
“Fischer automotive systems” отвара фабрика за производството на делови и дополнителни опреми за автомобили од висока класа во Јагодина. Инвестицијата на Фишер вреди околу 40 милиони евра, а 350 вработени ќе работат во производствената сала од 8.000 квадратни метри. Компанијата има и фабрики во Германија, САД, Кина и Чешка, каде вработува околу 5.200 работници. Фишер извезува во 120 земји, а неговата палета на производи е наменета за производителите на автомобили Мерцедес, БМВ и групацијата Фолксваген.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека германските компании кога дошле во Србија, вработиле околу 17.000 работници, додека сега вработуваат околу 70.000 луѓе во Србија. Тој додаде дека сите овие се компании со 100% извоз и дека Фишер ќе извезува за најдобрите брендови како БМВ, Мерцедес, Ауди…
Тоа е четврта странска фабрика во индустриската зона во Јагодина, претходно три компании од Италија ги градеа своите производствени капацитети таму.
За разлика од Србија каде странските инвестиции никнуваат како печурки после дожд, во Македонија статистиката покажува пад.
Според податоците на Народната банка, во првите три месеци влегле само 25, 7 милиони евра странски директни инвестиции што преставува огромен пад во однос на истиот период лани кога странските инвестиции изнесуваа 140, 7 милиони евра .
Во меѓувреме премиерот Зоран Заев во Планот за инвестициски развој најави странски инвестиции од повеќе земји.
Ова не е прва најава на премиерот за влез на гиганти на македонскиот пазар, но во реалноста најголем дел од компаниите се дојдени од времето на претходната влада на ВМРО ДПМНЕ. Странските инвестиции во земјава или се реинвестирани од постојните компании или се продолжување на отпочнат процес за инвестирање од минатите години.