Катар и Соединетите Американски Држави посредуваат за договор кој се очекува да биде постигнат во следните 72 часа кој се однесува за размена на уапсени и киднапирани деца.
Израелската државна телевизија Кан 11, повикувајќи се на извори кои сакаа да останат анонимни пренесува дека во тек се тајни разговори меѓу Израел и Хамас за потенцијална размена на уапсени и киднапирани деца.
Преговорите се водат со посредство на Катар и САД, а се очекува договор да биде постигнат во следните 72 часа, објави американската телевизија ABC.
Дали е можен и прекин на огнот?
Од една страна, Хамас би ги ослободил децата киднапирани во нападот на 7 октомври, кога беа убиени околу 1.300 израелски војници и цивили, а според непотврдени извештаи, беа земени околу 240 заложници.
Хамас никогаш не откри колку заложници биле земени, а во неколку наврати беше наведено дека голем број од нив биле убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа. Дури и видео од телото на една од израелските војници беше емитувано како доказ дека заложниците умираат во израелското бомбардирање.
Од друга страна, Израел, наводно, држи неколку илјади палестински жени и деца, кои се уапсени поради нивната вмешаност во терористички напади.
Абу Убаида, портпарол на бригадите Ал-Касам на Хамас, военото крило на организацијата, изрази подготвеност да ослободи до 70 израелски жени и деца во замена за петдневно примирје. Хамас, од друга страна, бара ослободување на 200 Палестинки и 75 деца од израелските затвори. Израелски извори проценуваат дека Хамас зел околу 240 заложници, но дека некои од нив сега се под контрола на други палестински милитантни организации како Исламски џихад.
До денес Хамас ослободи четири лица – мајка и ќерка од Чикаго, како и две постари Израелки. Израелските одбранбени сили (ИДФ) ослободија киднапиран војник за време на копнените операции во Појасот Газа. Катар, каде што се наоѓа политичкото крило на Хамас, игра голема улога во преговорите за ослободување на заложниците и уапсените жени и деца.
Што се случува најново на бојното поле меѓу Израел и Хамас?
– Израелската армија ја сруши куќата на Исмаил Ханије, главниот лидер на Хамас во Појасот Газа, кој живее во егзил во Катар.
– Израел ја отфрли резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за продолжување на хуманитарните паузи во бомбардирањето на Газа
– Израел тврди дека пронашол голема количина оружје во болницата Ал Шифа во Газа, додека Хамас тврди дека тоа е прикривање
– Неидентификуван маж со својот автомобил удрил во ограда во близина на израелската амбасада во Токио
– Пет лица се ранети во вооружен напад кај Ерусалим, израелската полиција го неутрализираше напаѓачот
– Германската полиција изврши 54 претреси, насочени кон здружение за кое се верува дека го поддржува Хезболах