Водата во Гостивар според последните анализи е чиста и безбедна за пиење. Во меѓувреме, синоќа на полноќ истече и 30-дневната кризна состојба прогласена на територијата на општината.

Информацијата денеска ја соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Тој посочи дека по завршувањето на кризата, институциите од централната власт повеќе нема да ја контролираат безбедноста на водата.

„Со истекувањето на кризната состојба, институциите од централната власт, вклучително и ЈП Водовод од Скопје, се повлекуваат од контрола на квалитетот на водата. На ред е локалната власт, локалната самоуправа да се погрижи гостиварчани понатаму да пијат чиста и безбедна вода“, рече Ангелов.

Кризната состојба во Општина Гостивар беше прогласена од Владата на 20 јули. Причина за одлуката беше загадувањето на водата за пиење и неможноста на локалната самоуправа да се справи со настанатата состојба и епидемијата која погоди неколку илјади граѓани.