Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ вечерва биле затекнати при кражба на значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Случајот го открила внатрешната контрола на ЈСП, по што веднаш била повикана полицијата.
Ѓорѓиевски најави дека вработените ќе бидат отстранети од работа, а од Обвинителството очекува да отвори соодветна постапка.
„Вечерва, внатрешната контрола на ЈСП затекна вработени како крадат значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров. Веднаш е повикана полицијата. Вработените ќе бидат отстранети од работа, а очекувам Обвинителството да отвори постапка и секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара пред законот“, соопшти Ѓорѓиевски.

Градоначалникот оцени дека случајот претставува показател за долгогодишното системско уништување на главниот град.
„Почитувани скопјани, токму за ова зборувам кога велам дека градот со години бил системски уништуван. Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома“, наведе Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски порача дека секој за кого ќе биде утврдено дека посегнал по јавните средства ќе биде соодветно санкциониран.
„Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран. Без исклучок! Денес, за разлика од минатото, жестоко се постапува против криминалот! Само со удар во чело, можеме да се избориме против корумпираните кои го уништуваат нашето и ваше Скопје“, порача Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски не соопшти колку вработени биле затекнати, за колкаво количество нафта станува збор, ниту пак дали некое лице е веќе лишено од слобода.
Подетални информации за целиот случај во текот на наредниот период се очекуваат од Министерството за внатрешни работи.
