Течат роковите, расте револтот кај вработените во УЈП. Васе Неданоски од синдикатот на Управата вели дека револтот кај вработените е голем и не се откажуваат, пренесува КАНАЛ5.

До наоѓање решение – шалтерите на УЈП секој ден од 10 до 12 часот се затворени за странки. Тече рокот кој го дадоа и вработените во Царина. Главното барање им е да го добијат додатокот на плата од 30%, како нивните колеги во финансии.

Се уште чекаат министерството за труд да се изјасни дали го прифаќа предложениот помирувач или ќе предложи нов. Очекувањата се потоа откако ќе се назначи медијаторот во рок од 5 дена да се најде решение.

Министерот за финансии Бесими пак, пред некој ден им порача дека не смеат да не исплаќаат плати или пак да затвораат граници. Институциите законски мора да работат. Неданоски пак возвраќа. Нема закон што може да ги спречи да не одржуваат генерален штрајк, но сепак вели дека ќе ја имаат предвид изјавата на Бесими.

Тоа е став на господинот министер. / За да одржиме генерален штрајк во основа нема никаква законска пречка, ниту пак смее да има, тоа е уставно загарантирано право. Во дел на динамиката, обемот и мерките секако како раководство уште еднаш ќе седнеме ќе ги разгледаме, ќе го имаме во предвид ставот на министерот, но првично сметаме дека она што го работиме на работното место смееме да го опструираме, односно да штрајкуваме и да не ги исполнуваме задачите. Но, дополнително на таа изјава, со посебно внимание ќе ги разгледаме сите законски решенија.“ изјави Васе Неданоски, синдикат на УЈП.

Според власта само со нова методологија за раст на платите ќе се стави ред со примањата во јавниот сектор. Во четврток со синдикатите повторно седнуваат на иста маса да ги продолжат разговорите за новата методологија. Овој пат со нов предлог – не 5, туку за 2,5 години просечната плата да стане основица за примањата во јавниот сектор. Ова ќе им го понудат на економско социјалниот совет, а седницата ќе биде отворена за јавноста.