Новинарите на Си-ен-ен, Политико и Ем-ес-ен-оу повторно можат да влегуваат во Белата куќа, по судската одлука за привремено укинување на забраната што ја воведе администрацијата на Доналд Трамп. Пристапот им беше вратен откако трите медиумски куќи побараа итно судско рочиште, обвинувајќи ја администрацијата дека повеќепати не ја спровела наредбата на судот.
Во поднесок доставен до судот, Белата куќа потврди дека почнала да го обновува пристапот за новинарите. Претходно, судијата Тимоти Кели пресуди дека забраната треба привремено да биде укината, но медиумите тврдеа дека нивните новинари и натаму се соочувале со ограничувања спротивни на таа одлука.
Според информациите што ги наведе Белата куќа, новинарските пропусници биле вратени до 9:07 часот по локално време, а одземените акредитации биле достапни од 9:45 часот. Спорот се одвиваше за време на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белата куќа, во пресрет на државната вечера.
Забраната за пристап на трите медиуми Трамп ја најави минатиот петок. Тој ги обвини Си-ен-ен, Ем-ес-ен-оу и Политико дека за неговата администрација објавуваат, како што тврдеше, „измислици или лаги“. Белата куќа подоцна ја наведе и националната безбедност како образложение за ограничувањето.
Во понеделникот, трите медиумски куќи најавија дека ќе преземат правни дејствија. Порачаа дека со тоа го бранат принципот според кој владата не треба да одлучува за што ќе известуваат медиумите.
Поддршка за нив пред судот дадоа повеќе од 50 новинарски организации со различни уредувачки определби, кои се приклучија кон поднесокот во нивна корист. Меѓу нив се најдоа и Фокс њуз, Њујорк тајмс, Вашингтон пост и Волстрит журнал.
Спорови меѓу американските администрации и медиумите за пристапот до Белата куќа имало и претходно. Во 2009 година, администрацијата на Барак Обама се обидела да го исклучи Фокс њуз од интервју со претставник на администрацијата. По реакциите на другите медиуми, на телевизијата сепак ѝ било овозможено да учествува во интервјуто.
