Од владејачката коалиција „Вреди“ соопштија дека фејсбук-страницата „Vlen.mk“, која објави дека додавањето на албанскиот назив на официјалната страница на Министерството за правда е прво достигнување на новиот министер Јетон Шасивари, е лажна и не ги застапува нивните ставови.
На страницата вчера беше поздравена промената на името на официјалната фејсбук-страница на Министерството, која сега гласи „Министерство за правда Ministria e Drejtësisë“. Објавата беше претставена како успех на новиот министер за правда од редовите на „Вреди“.
Од коалицијата велат дека уште пред еден месец јавно предупредиле дека „Vlen.mk“ лажно се претставува како нивна страница и дека содржините објавени таму не се официјални ставови на „Вреди“.
Редакцијата на „Слободен печат“ соопшти дека претходното предупредување било пропуштено и ѝ се извини на партијата поради поврзувањето со лажната фејсбук-страница.
