Анкетите за исходот од парламентарните избори може да се сметаат за прифатливи, но коалицирањата и можните комбинаторики после глањаето в недела во Бугарија може да донесат очекувани, но и во моментов теоретски незамисливи соработки, оценуваат бугарски политичаки аналитичари за МИА. Во игра се познати фактори, но и многу променливи во равенката за формирање влада, како што се влијанијата на геополитиката.
Димитар Христов е истакнат бугарски поет, преведувач и драматург. Член е на Сојузот на бугарските писатели и на Сојузот на бугарските новинари. Тој е и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Како добар познавач на политичката сцена во Бугарија во разговор за МИА ги коментира анкетите објавени на во последните два дена пред завршетокот на кампањата, во кои победник е коалицијата Прогресивна Бугарија на Румен Радев. Партијата која тој ја формира во март откако се повлече од претседателската функција на крајот од вториот мандат за да учествува на изборите има поддршка од над 30 проценти на анкетите. Тоа е значителна предност пред ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов, како втора политичка опција за која, според анкетите, би гласале меѓу 18 и 19,5 отсто.
„Таква е тенденцијата, во повеќето прогнози се дава предност на новата партија или коалиција на Румен Радев. И тоа е во согласност со очекувањата на мнозинството од Бугарите да има некаква промена. Проблемот е што Румен Радев не излегува со конкретна програма. Кога и да го прашуваат за тоа, тој не сака да биде апсолутно конкретен, бега од такви прашања, оти мисли дека можеби така ќе го обедини разочараниот електорат. Уште повеќе, неговата шанса е кај луѓето кои се разочарани од претходните носители на власта, од опозицијата, кои би гласале за неговата коалиција. Но, тоа е уште еден обид да се објави нов месија, нов спасител. Кога велам нов обид, тоа е така затоа што дел од Бугарите не очекуваат некаква значајна промена од Радев“, вели Христов.
Тој тоа го објаснува со фактот што, вели, Радев девет години беше претседател на Бугарија, учествуваше во власта согласно уставните надлежности, како што е именување на техничките или службените влади, но тогаш не ги направи промените за кои сега се залага. Радев, подвлекува бугарскиот аналитичар, има една општа платформа во која вели дека ќе се бори со корупцијата и со статус квото, но не кажува со кого ќе коалицира во парламентот ако за тоа има потреба.
„Во таа смисла, Прогресивна Бугарија е една нова надеж за Бугарите, но со не толку многу нови лица, затоа што самиот Радев привлекува околу себе и познати лица, луѓе кои биле дел од технички влади, кои се познати во политиката. Некои биле пратеници од други партии. Има обвинувања дека има и луѓе кои некогаш биле дел од безбедносните служби пред да се случат промените, но и други критики кои според мене се оправдани, со оглед дека неговата кандидатура за претседател првпат дојде од БСП, а имаше тврдења дека тој бил поддржан и од Кремљ. И покрај тоа што зборува дека е НАТО-вски генерал, и голем патриот, очигледно е дека тој е родољуб, но тука веќе врските и односите кон Русија, кон војната во Украина и некои други надворешно политички проблеми, го оттргнуваат електоратот од него, особено интелектуалците“, оценува Христов.
Друг дел од луѓето, вели, се ориентираат кон Продолжува промената–Демократска Бугарија, коалиција со доминантна проевропска ориентација која е обединета под мотото „За силна Бугарија во силна Европа“. На тој начин се формираат две групи со различни ориентации – проруска и проевропска.
Тој ги спомнува и неколкуте националистички партии, како Преродба, која за жал, вели, често се поврзува со руските интереси или руското финансирање.
Очекува дека луѓето ќе гласаат за нови партии, за ПБ, но не очекува ништо од нивните популистички пароли, оти, вели и досега во парламентот имаше неколку такви мали партии кои не направија ништо со ветувањата.
Кога станува збор за коалицирањето, тој смета дека и партијата на Радев и ПП-ДБ се залагаат за борба против корупцијата и за промена на статус-кво моделот на владеење, и оти претстојат сериозни промени во парламентот, во политичката доминација во законодавниот дом. Главното прашање, за него е дали ќе се совпаднат интереситре на ПБ со ПП-ДБ, оти меѓу нив разликите се главно по однос на надворешно-политички прашања како, на пример, чиј е Крим, за конфликтот на САД со Иран, за Газа итн.
„Доколку овие два политички субјекта ги најдат допирните точки тоа би била една добра коалиција, оти можат взаемно да си бидат коректив, да се контролираат и да направат позитивни промени. Сметам дека доаѓа време на отрезнување кај Бугарите после повеќе од 35 години вежбање демократија“, вели Христов.
Евентуална коалиција меѓу ПБ и Преродба не ја гледа како добра опција, оти Преродба е националистичка партија која меѓу другото се залага за некаква неутралност. Во услови кога Бугарија го избра својот пат – ЕУ и НАТО, нема друга алтернатива на тој пат. Во спротивно, вели, земјата би влегла во многу поголема криза.
Прогнозите за висока излезност на изборите в недела, тој ги поврзува со енергијата на младите и протестите од декември лани против законот за буџет, чии барање за промени во јануари ја урнаа Владата.
За БСП-ОЛ, за која предвидувањата се дека е на работ да го постигне потребниот праг од 4 отсто поддршка, смета дека резулатите од анкетите може да влијаат и така што ќе ги мотивираат симпатизерите на оваа најстара партија во земјата да излезат на гласање и да ја поддржат. Тоа е партија која, вели, поминува низ сушстествени внатрешни промени и доколку влезе во законодавниот дом, таа би коалицира со ПБ на Радев.
Професорот по политичка антропологија и политологија на Филозофскиот факултет при Софискиот универзитет, Николај Најденов, изразува резервираност по однос на прогнозите за петчлен парламент. Се согласува дека БСП има потенцијал да го помине прагот, бидејќи партијата има нов модерен лидер избран во февруари и е на почетокот од процес на осовременување.
Она што граѓаните ќе ги извлече на гласачките места според него е промена на моделот на владеење кој се темели, како што вели, на два вида на зависност – финансиска преку креирање на мрежи на клиентелизам и можно кривично гонење, заради некакви сторени „гревови“, што е стратегија за контрола на луѓето.
Тој смета дека со оглед на искажаните ставови на лидерите на трите водечки партии на анкетите, формирањето влада би одело тешко. Како можни сценарија ги смета коалицирањето на ПБ со Преродба и со БСП доколку последнава влезе во парламентот. Друга опција која е реалистична, вели, е ако Радев добие над сто мандати и му се потребни уште 10-тина, па може да формира и малцинска влада.
„Во таква ситуација тој ќе добива подддршка по теми, на пример кога е во прашање промена на моделот на владеење и тука се блиски со ПП-ДБ, но кога се во прашање надворешно-политички прашања тоа отпаѓа, бидејќи Радев уште на времето веќе се изјасни дека Крим е руски. Значи по оваа тема нема можност тие да постигнат согласност“, појаснува Најденов.
Она на што тој обрнува внимание, а засега не е во фокусот на анализите е дека на партиите се гледа како на монолитни организации и при тоа се губи од вид можноста за внатрешни поделби во нив.
„Ако една партија се подели од внатре, може да се добие друг резултат, може да стане возможно коалицирањето кое сега се чини невозможно. На пример, кај Радев има две струи – проевропска и проруска. Таа структура не е монолитна и тие се трпат оти имаат заеднички интереси, но тоа не значи дека при одредни услови некои од припадниците на партијата не би можеле да ја напуштат. Па дел од нив само пред месец дена биле дел од друга партија“, вели проф. Најденов.
„Она што е сигурно е дека Радев сам нема да може да формира влада. Таа времено ќе се формира, но има потенцијал да трае подолго само ако дојде до поделби или расцепи во некои партии или дојде до зближување меѓу партии и се пренебрегнат одредени разлики, како последица на промени на меѓународен план. На пример, ако војната во Украина заврши и руската гледна точка веќе нема важност… Живееме во несигурно време и она што се чини привремено може да стане трајно“, заклучува хипотетичк бугарскиот аналитичар Најденов.
Извор: Нетпрес
