Одбраната на притворениот Јордан Камчев во текот на денешниот ден писмено и официјално ќе се обрати и ќе побара асистенција и мониторинг од Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа, од Асоцијацијата за превенција од тортура од Женева, од Македонскиот народен правобранител (оддел на национален превентивен механизам), како и од македонскиот Хелсиншки комитет.
Одбраната од нив ќе побара да спроведат ад хок мисија, бидејќи Камчев е подложен на нехуман, понижувачки третман и тортура од страна на институциите кои ја имаат ограничено неговата слобода со мерката триесетдневен притвор.
Просторијата во која се држи Јордан Камчев е под сите минимални стандарди согласно со закон и со меѓународно право. Нема санитарна вода, а вода за пиење добива ограничено и не секој ден. Нема пристап до светлина и до свеж воздух.
Оваа ситуација на нехуман, нечовечки и понижувачки третман и тортура само придонесува здравјето на Камчев да се влошува од ден на ден, за што беа предупредени правосудните институции и им беше доставена целокупна медицинска документација од наша страна. За жал, досега нема никакво дејствие од нивна страна ниту било каков одговор, вели одбраната.
Со цел заштита на животот и на здравјето на клиентот, одбраната ќе ги искористи сите легални и легитимни институции, како македонски така и меѓународни да извршат мониторинг, надзор и заштита од ваквото постапување.
Да имаме во предвид дека претседателот на Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа, Микола Гнатовски, во декември 2020 година, при неговата посета на Македонија, бараше од Владата поригорозно водење на основната реформа на затворскиот систем, во согласност со долгогодишните препораки на Комитетот, аргументира одбраната на Камчев.