Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека е неопходно да се почне со формирање на регионален пазар на извори на енергија, за да можат земјите од Балканот да си помагаат меѓусебно, имајќи предвид дека сите имаат различни можности и капацитети во тоа област, јави дописникот на МИА од Белград.

-Со сите проблеми со кои се соочуваме, ќе одиме со формирање регионален пазар и ќе си помагаме. Затоа што немаме сите сè. Имаме различни можности и капацитети и можеме само заедно да ја обезбедиме иднината, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција по повод регионалната конференција „Можности за инвестирање во обновливи извори на енергија во Западен Балкан“.

Тој рече дека енергетиката е прашање од суштинско значење, не само краткорочно, туку и долгорочно.

-Ова прашање не е важно само за оваа, туку и за зимите што допрва доаѓаат. Затоа што прашање е како ќе заврши војната (во Украина). Очекуваме големи и тешки реформи и во нашите јавни претпријатија. Ќе ни требаат тешки реформи во енергетскиот сектор, какви што беа потребни во економскиот и фискалниот сектор во 2014 година, рече тој.

Вучиќ рече дека Србија се соочува со големи проблеми не само во диверзификацијата на изворите на енергија, туку и со старомоден пристап и стара технологија како што се термоелектраните, и дека не е во позиција да ги зголеми обновливите извори на енергија.

Според него потребно е огромно ниво на инвестиции во областа на енергетиката во Србија и дека тие се движат од 17 до 32 милијарди евра во наредните години.

-Ова е неопходно за да можеме да преживееме во годините што следат, да имаме доволно гас, струја и нафта и се друго што ни е потребно за индустријата и домаќинствата. Ова ќе биде и причина за нов раст, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија предупреди дека во сите земји од регионот во последните 30 години има малку инвестиции во нови енергетски капацитети и дека е неопходно тоа ниво на инвестиции да се зголеми.