Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска по средбата на лидерите на процесот Брдо-Бриони во Скопје изјави дека на средбата се обиделе да најдат заеднички именител и разговарале за европската иднина и дека денот е поминат во конструктивна дискусија.

„Некои имаат малку повеќе ентузијазам, некои имаат малку помалку. Во секој случај, денеска беше многу фер и конструктивна дискусија. Немаше големи расправии и тепачки, бидејќи ние и Приштина ги оставивме нашите проблеми за четврток и Брисел“, рече Вучиќ.

Денеска повеќе се зборуваше за односот на самиот регион на Западен Балкан кон ЕУ, отколку за било што друго, додаде претседателот Вучиќ.

„Секогаш е добро да се зборува, но што очекувате да направат Хрватска и Словенија надвор од она што ќе го кажат Берлин или Париз. Луѓето сакаат да помогнат, им благодарам за тоа, и тоа е тоа. Не знам што очекувате да биде денес?“, рече претседателот одговарајќи на новинарско прашање.

Одговарајќи на прашање, што очекува на средбите во Брисел за Косово, рече дека очекува средбите да бидат тешки, бидејќи според него, ниту една од нив не била лесна.

„Ова не е затоа што разговараме со Албин Курти, туку затоа што разговараме со претставниците на Брисел, кои знаете дека што и да кажат, секогаш на овој или оној начин ќе ја поддржуваат независноста на Косово“, рече Вучиќ.

Вучиќ изјави, дека за прашањето за санкциите, Србија сама одлучува како суверена земја и дека во тој поглед се разликува од Приштина.

„Што се однесува до санкциите, ние самите одлучуваме за санкции како суверена земја и тука се разликуваме од Приштина, не по прашањето на Русија, Украина, не знам што, туку по прашањето која земја е суверена, и која не е и никогаш нема да биде“, рече Вучиќ.