Во период од две децении, 2002-2021 околу 554 илјади албански државјани добиле државјанство на некоја од земјите на Европската унија, каде живеат и работат по напуштањето на Албанија, јави Ора њуз, повикувајќи се на европската агенција за статистика „Евростат“.

Најголем број од државјанствата се издадени во 2016 година или околу 67,5 илјади.

Во 2021 година доделени се 32.000 државјанства на албански граѓани, со што се подредуваат на третото место, по државјаните на Мароко и Сирија. Споредено со 2020 година, бројката е намалена за 20 отсто.

– Гледано одделно по земји, Италија и Грција, двете традиционални дестинации на албанските емигранти, особено во првите две децении по 90-тите години од минатот век, предничат по бројот на пасоши што им ги издале на албанските државјани. Италија има доделено вкупно 274 илјади државјанства, која во последните пет години во просек доделува 22-27 илјади државјанства годишно на албански државјани, наведува телевизијата.

Грчко државјанство добиле 237 илјади албански граѓани.

– Во последните години Грција значително го намали бројот на албански граѓани на кои им издала државјанство споредено со претходно. Во 2021 година дала само 7,7 илјади од 29 илјади во 2017 година. Трета е Велика Британија, со околу 12 илјади, но податоците за оваа земја се пријавени до 2019 година. Државјанство на Германија добиле 8.000, на Белгија седум илјади и Франција околу 5 илјади, посочува Ора њуз.