Повеќе од 90 луѓе се уапсени во Србија во изминатите две недели за различни кривични дела, а меѓу приведените има високи полициски функционери, јавни службеници и бизнисмени.

Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, за РТС изјави дека последните апсења покажуваат дека во институциите почнува да се чувствува деполитизацијата. Тој вели дека до неодамна било незамисливо врховниот обвинител јавно да се огласи, а обвинителството самостојно да си ја врши работата.

Меѓу приведените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секулиќ, и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ. Уапсени се и 17 полицајци.

На списокот се наоѓа и сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, како и покраинскиот секретар за социјална политика, Предраг Вулетиќ. Приведени се и директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, управникот на затворот „Забела“, Родољуб Рончевиќ, и градоначалникот на Инѓија, Марко Гашиќ.

Илиќ потсетува дека судовите и обвинителствата и досега имале исти законски овластувања, но проблемот бил во тоа дали предметите навистина ќе се процесуираат или ќе останат заборавени во фиока.

„Во самите институции, структурите што досега беа ставени во втор план ја користат можноста да дојдат до израз. Но, суштински важно е дека нешто се движи. Работите се движат во позитивна насока. Тоа не значи дека некој е прогласен за виновен само затоа што е уапсен. Претпоставката на невиност важи и за нив“, вели Илиќ.

Тој оценува дека приведените се поврзани со досегашната владејачка гарнитура, која, според него, ја ставила судската власт под своја контрола. Поради тоа, речиси 15 години немало можност судовите и обвинителствата непречено да ја вршат својата работа, со одредени исклучоци.

„Обвинителството има обврска да ги гони сторителите на кривични дела, а судот да одлучува по предметите што ќе стигнат пред него. Тоа го немаше. Треба да се има предвид дека во изминатите 15 години, 95 проценти од судиите биле избрани или напредувале до највисоките судски инстанци, пред сè до Врховниот и до Уставниот суд. Истото важи и за Обвинителството за организиран криминал“, вели професорот.

Илиќ смета дека припадници на полицијата и на обвинителството со последните акции сакаат да се препорачаат пред новата влада, но прашува зошто не постапувале така и претходно. Како пример го посочува судијата Миодраг Мајиќ, за кого вели дека бил единствениот што имал храброст јавно да проговори за состојбите и поради тоа трпел последици.

Говорејќи за враќањето на довербата во полицијата, обвинителството и во судството, Илиќ го поддржува предлогот на Студентската листа за формирање посебна обвинителска полиција. Тој рече дека ваква иницијатива имало и во 2011 година, но тогаш не добила политичка поддршка.

Тој потсетува и дека по поразот на претходната демократска власт на изборите во 2012 година биле поведени постапки против министри, кои завршиле со ослободителни пресуди или биле запрени поради застарување.

„Кај нас ниту еден министер, освен во времето на Слободан Милошевиќ, не одговарал за она што го направил додека ја извршувал највисоката функција во владата. Би сакал ова да биде најава за ново време, но тоа допрва треба да го видиме“, порача професорот Горан Илиќ.