Бугарските медиуми и политичари уште една улична тепачка, нерасчистени односи меѓу двајца, ја искористија за нивните цели, а тоа е да покажат дека во Македонија владее антубугарско расположение. Во Струга физички бил нападнат Бекир Кадриески, кој е претседател на струшкото бугарско здружение „Шемето”. МВР соопшти дека се работи за нерасчистени односи меѓу две лица.

За овој инцидент вчера извести и македонското МВР: „Жител на струшкото село Велешта денеска околу пладне физички нападнал лице од селото Лабуништа. СВР Охрид соопшти дека настанот во полиција бил пријавен во 12 часот и 15 минути. Според првичните информации, двајцата подолг временски период имале нерасчистени меѓусебни односи“.

Бугарските медиуми јавија дека Кадриески бил соборен на земја и клоцан, а напаѓачот, А.Н. од Велешта, за кој се претпоставува дека е Албанец, го навредувал по етничка основа – „валкан Бугарин”.

И веднаш на ова се надоврзуваат инфомациите дека Кадриски е тешко повреден, дека едваj зборувал, дека нема соодветна медицинска нега… Од струшката општа болница велат дека Кадриески немал сериозни повреди, бил видно вознемирен и му бил даден само седатив.

Во болницата покрај полицијата присутен бил и бугарскиот конзул, испратен во Струга по итен налог од Софија. Кадриески побарал со него да зборува на само.

Инаку Кадриески е државјанин на Македонија, живее во струшко Лабуништа, нема бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет.

По инцидентот експресно реагираше и бугарската политичка партија ГЕРБ: „Сведоци сме на уште еден брутален чин на насилство врз државјанин на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. Претседателот на здружението на Бугарите ‘Шемето’, Бекир Кадриески, е тешко претепан во градот Струга. Силно ја изразуваме нашата огорченост и го осудуваме овој последователен чин на неиспровоцирано насилство врз нашиот сонародник. Доколку се потврдат информациите дека претепувањето на Кадриески било проследено со зборовите ‘валкан Бугарин’, тогаш тоа што се случило ќе претставува опасен релапс и преку сите можни меѓународни канали ќе бараме делото детално да се истражи и виновниците да бидат целосно казнети“, се вели во реакцијата на ГЕРБ.