Сосема е извесно дека мора да има уште едно пролонгирање на рокот за исплата на финансиската помош од 6.000 денари, која 24.000 граѓани ја чекаат речиси четири месеци. Првиот рок 25 декември лани, беше промашен и пролонгиран до 31 март годинава, за да може граѓаните да ги ажурираат банкарските сметки.
Во петокот, измените на законот не го поминаа второто читање во матичната Комисија за финансирање и буџет и нема да се најдат на дневниот ред на собраниската седница на 23 март. Дел од министрите, веќе најавија дека е можна нова амандманска интервенција за да се пролонгира рокот за подигање на овие средства. Во меѓувреме, Владата ја разгледа и усвои Информацијата на Министерството за финансии и ги задолжи сите надлежни институции во најкраток можен рок да го пополнат Извештајот со статус на реализација на економски мерки за справување со кризата од сите пакет мерки за 2020 година и да го испратат до МФ најдоцна до понеделник.
-Четвртиот сет економски мерки ги даде своите резултати, но треба да се има предвид дека во Собранието уште стојат законски решенија од него. Опозицијата ги толкува бројките како што сака. Ги повикувам да ги поддржат сите законски решенија. Ако не ги сакаат овие законски решенија, нека понудат алтернативи за да ги подобриме законските решенија, а не да блокираат – порача пред неколку дена министерот за економија Крешник Бештеши.
Дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на граѓаните, кој е дел од Четвртиот економски пакет, минатата недела конечно стаса пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, но, пред гласањето, седницата беше прекината поради немање на деловнички услови за работа. Поточно, се додека не се преведат илјадниците амандмани од албанската опозиција, јасно е дека нема можност законот да биде усвоен.
Овој закон е еден од 20 блокирани закони во Собранието со 32 илјади амандмани од опозициските партии од албанскиот блок. Финансиската поддршка од 6.000 денари ја чекаат граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. Измените на Законот опфаќаат 22.000 граѓани кои не ги ажурираа банкарските сметки до првиот рок во декември и над 2.000 со уважени приговори.