Пратеникот Александар Николоски, како известител определен од Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, учествува во мисија за утврдување на фактите во Босна и Херцеговина од 27 до 29 септември 2023 година. Ова е првпат член на македонската Делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа во функција на известител да учествува во мониторинг мисија.
Босна и Херцеговина се наоѓа во мониторинг фаза со Парламентарното собрание на Советот на Европа, што продразбира периодични посети од известителите на Мониторинг комисијата кои водат тековен дијалог со властите и го оценуваат напредокот на државата во исполнувањето на обврските кои потекнуваат од Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права, другите конвенции на Советот, кои земјата ги ратификувала, како и останатите обврски преземени при приемот во Организацијата кои се однесуваат на одржување на највисоките демократски стандарди и стандарди за човекови права.
Известителот Николоски, во име на Европските народни партии, заедно со извесителот Золт Немет, во име на Европската конзервативна група и Демократската алијанса, во текот на тридневната мисија во Сараево и Бања Лука ќе остварат средби со претседателот на Уставниот суд, министерот за правда, министерот за човекови права и бегалци, високиот претставник за БиХ, потоа членови на Претставничкиот дом и на Домот на народите, членовите на Централната изборна комисија и претставниците на дипломатскиот кор во Босна и Херцеговина, а предвидена е и средба со претседателот на Република Српска.
По посетата, двајцата известители ќе изготват извештај за напредокот на државата, кој прво ќе биде претставен пред членовите на Мониторинг комисијата, а потоа, заедно со препораките за идните чекори, прво ќе биде предмет на дебата на пленарна седница, а потоа ќе следи гласање за текстот, кој ќе ја претставува заедничката позиција на Парламентарното собрание на Советот на Европа.