Германија досега се воздржуваше од воведување задолжителна вакцинација поради страв од зголемен недостиг на медицински персонал и негуватели. Но, поддршката за овој потег порасна откако земјата се соочи со пораст на бројот на заразени во четвртиот бран на пандемијата.

Социјалдемократите, Зелените и Либерално-демократската партија, кои се подготвуваат да формираат нова германска влада во среда, планираат во текот на следната недела да го претстават новиот закон пред парламентот.

Во нацртот се наведува дека вработените во споменатите области до 15 март ќе треба да докажат дека се вакцинирани против коронавирус, дека се опоравиле од ковид-19 или да приложат потврда дека не можат да се вакцинираат.

Бидејќи Германија има намера да вакцинира 30 милиони луѓе пред Божиќ, нацрт законот исто така ќе овозможи стоматолози, ветеринари и фармацевти привремено да вршат вакцинација откако ќе поминат соодветна обука.

Предложениот закон ќе ги продолжи привремените мерки до 15 февруари, што ќе им овозможи на германските сојузни покраини по потреба да воведат уште построги мерки.