Заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски истакна дека мора сите заеднички да делуваме, затоа што за елементарни непогоди не постојат никакви државни граници.
–И ова лето, како што сите видовме, по кој знае кој пат се соочивме со опасностите и со последиците што зад себе ги оставија големите пожари. Живееме во време на климатски промени и тоа несомнено ќе не се случува во иднина и во такви ситуации прв кој може да помогне, се разбира дека е соседот, соседната куќа, соседната општина, соседната држава. Токму затоа, благодарение на овој проект ја обезбедуваме главната алка во системот за управување со кризи, а тоа е координацијата. Со набавката на електронската опрема координацијата меѓу двете земји во случај на природни катастрофи е од клучна важност за брза реакција и без да се предизвикаат големи материјални штети или човечки загуби, рече заменикот министер Димитровски.
Проектот го имплементираат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Регионалниот центар за управување со кризи.
–Центарот во изминатиот период активно работеше за остварување на главната цел на проектот-обезбедување на современа инфраструктура и опрема за управување со кризи, а резулатите се видливи со поставувањето на командниот центар, тука во нашиот регион, рече директорката на Центарот, Жулиета Ѓуркова.
Таа додаде дека преку проект од ЕУ во тек е набавка на опрема за гаснење на шумски пожари за сите пожарникари во Југоисточниот регион, а во текот на овој месец треба да се склучи договор преку кој ќе се набават две против пожарни возила за Струмица и Гевгелија, а Регионалниот центар за управување со кризи ќе постави опрема за рано детектирање на пожари во планините.
Командантот на вежбата, Беким Исиени, ја истакна важноста на вежбата за рано предупредување, справување и надминување на катастрофите.
–Со вежбата се тестира оперативноста на двата командни центри, кои иако се во различни земји ќе бидат меѓусебно поврзани. Истите се активираат во случај на потреба и со примена на прекуграничните протоколи за комуникација, координација и соработка во Југоисточниот плански регион, а во иднина командниот центар ќе биде интегриран во системот на Центарот за управување со кризи, рече Исиени.
Командниот центар е прв таков во државата, а за проектот се потрошени вкупно околу 1 милион евра, обезбедени преку ИНТЕРЕГ програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција и дел од Министерството за локална самоуправа.