Треба да се види законското решение, треба да се види дали одобрението за градба е во согласност Генералниот и со Деталниот урбанистички план, дали е согласно со Законот за урбанистичко планирање и дали е согласно со Законот за градење, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Истакна дека треба да се провери дали тој што го добил одобрението за градба ги исполнува законските услови.
Тоа да биде согласно Законот за урбанистичко планирање од 2019 година, којшто јасно предвидува дека паркирањето се решава во рамки на парцелата, не може надвор по катни гаражи и тоа автоматски го намалува габаритот на изградбата, дека зелен простор треба да биде најмалку 20 отсто, а како што ме информираше градоначалникот има двојно повеќе зелен простор во целиот тој дел, истакна Заев.
Тој додаде дека ако е нарушен кој било од законите или во постапката на одобрение за градба, треба да се укине одобрението и да не се дава, а ако се исполнети законските основи треба да се искористи уставното и законското право за добивање одобрение за градба.
Затоа Парламентот ги промени законите, на предлог на Владата, слушајќи ги граѓаните – за мегаломанството во градењето и големите катности и вградивме вакви механизми и алатки во самиот Закон за урбанистичко планирање и во Законот за градење коишто дефинитивно ги оневозмоуваат практично мегаломанствата во изградбата, рече Заев.
Викендов беше иницирана онлајн петиција против изградба на висококатници на паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје, на која досега се потпишаа повеќе од 7.000 граѓани.