Пред да замине за Мадрид, што е прва посета на Кралството Шпанија на премиерско ниво, претседателот на Владата ги сумираше резултатите од средбите на нашата владина делегацијата во изјава за медиумите.

-Порачавме јасно и гласно и повторивме. Тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и идентитет од масата за разговори во Брисел . После тоа може да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина. Ние имаме и гордост и сопствен идентитет. Гордоста можеме да ја засилуваме и да ја смируваме но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее да си игра ниту мојата влада ниту било која влада а уште помалку друга држава или унија во која се уште не сме членки, вели Заев.

Првиот човек на надворешната и безбедносна политика на Унијата, Жозеп Борел, нагласи дека никој во Европската унија не сакаа разделување на пристапниот процес на Македонија и Албанија и двете земји треба да ги почнат преговорите најбрзо што е можно.

-Да повторам, многу јасно, го направив тоа вчера по состанокот на советот на министри на прес-конференцијата и сакам да повторам денеска дека нема поддршка за разделување, ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите-членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови да ги започне преговорите и слично како албанија заслужува да продолжи во следната фаза од процесот, без одложување, порача Борел.

Премиерот Заев утре ќе се сретне со шпанскиот премиер, а во четврток европската агнеда ја продолжува во Грција со учество на Економски форум.