Премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа одржаа работна средба со извршниот директор на Бизнис клубот на Евро-атлантскиот совет, Светозар Јаневски, претседателот Исмет Рамадани, како и со стопанственици членови на раководството на Бизнис клубот.
На состанокот се дискутираше за подобрување на деловниот амбиент и економската активност на компаниите, како и за проекти кои се очекува да ги зголемат вработувањата во земјава и да се активираат селата и руралните средини. Дополнително особен фокус беше ставен на ИТ секторот и креирање на додадена вредност, а од страна на стопанството беше нагласено дека согласно истражувањата Северна Македонија е лидер на Балканот во Е-Влада, соопшти владината прес-служба.
Премиерот Заев искажа поддршка за идеите кои доаѓаат од деловната заедница, која треба да го придвижи економскиот раст во земјата и ги охрабри стопанствениците да продолжат со плановите за инвестициски циклуси и вложување во човечкиот капитал со цел заеднички да се прилагодуваме на новите и современи економски текови за успешно надминување на предизвиците од глобалната пандемија.
Дополнително се разговараше и за „NATO procurement process” и можностите македонските компании да пристапат на овој процес и да бидат дел од овој голем комплекс на набавки. Премиерот Заев и министерот Хоџа истакнаа дека приватниот сектор има важна улога во создавањето работни места и приходи за граѓаните, дополнително и преку постојаните иновации што носат нови производи и услуги на пазарот, а со тоа и додадена вредност.
На состанокот беше заклучено дека секој инвеститор сака стабилно деловно опкружување и предвидлив деловен амбиент за што Владата се стреми тоа и да го овозможи. Дополнително беше подвлечено дека со влезот во НАТО и со примената на стандардите на ЕУ, кои треба да станат домашни стандарди се обезбедува сигурност на инвестициите преку механизми за владеење на правото, за намалување на сивата економија, на парафискалните давачки и со борбата против корупцијата.