Тој во објавата на својот фејсбук-профил наведува дека во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилат соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
– Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока, пишува Заев на Фејсбук.
Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што, како што додава, тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Според него, со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото.