Николоски во изјавата рече дека стои на својот став, дека нити некогаш поднел тужба за клевета против јавно лице или новинар, како и дека тоа нема да го направи никогаш во иднина.
Начинот на јавна дебата како што истакна, е преку изнесување на сознанија и доколку не се точни демантирање на истите.
– Ние политичарите како најизложени јавни лица, мора да сме спремни да трпиме поголема критика од јавноста и затоа се бесмислени ваквите тужби.
Николоски додаде дека од главната расправа и распитот денеска и прашањата кои тој му ги поставил на Заев, јавноста може да дознае повеќе работи.
Дека Зоран Заев лажеше во судот, што е кривично дело, затоа што кажа дека не знаел дека целокупниот врв на СДСМ, на чело со тогашниот Генерален секретар, заменик-претседател Шекеринска, потпретседателот, Министерот за здравство Филипче и градоначалникот на Карпош Богоев имале средби со Боки 13.
Значи, сите тие имале средби, ама Заев не знаел и тоа е неговата прва лага, рече тој.
– Втората лага која Заев ја кажа е дека ние денес разбравме дека посетите на домот на Боки 13 и снимките кои ги видовме, се всушност активностите „врата до врата“ на партијата СДСМ. Како што одговори Заев, тие имале редовни активности за посета на гласачи и на членови и симпатизери и така Шекеринска, Кирацовски ,Филипче, Богоев и сите останати отишле на вратата кај Јовановски и тој бил доволно гостопримлив да ги покани дома на кафе, истакна Николоски.
Третата лага на Заев е во неговото тврдење дека во Македонија не биле рекетирани бизнисмени од страна на врвот на СДСМ туку ним им биле промовирани инвестиции.
Имено, целокупниот врв на СДСМ бил во акција на промоција и стимулирање на инвестиции, односно сите тие оделе кај овие бизнисмени да стимулираат инвестиции.
Логичното прашање, вели Николоски, е како оделе да стимулираат инвестиции само во корист на еден човек?