Перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Република Македонија, била во фокусот на денешната средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Бугарија Румен Радев на завршницата на Самитот на НАТО во Брисел. На средбата е договорена посета на премиерот Заев на Софија, која е предвидена да се случи оваа недела.
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, бугарскиот претседател Радев ја подвлече принципиелната и континуирана поддршка за иднината на Република С. Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.
-И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република С. Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј, се посочува во соопштението.
На средбата, како што се наведува, е истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Бугарија и С. Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.
Билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната, и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и размената на кадети меѓу двете земји, беше исто така дел од темите за кои во Брисел разговарале премиерот Заев и бугарскиот ретседател Радев.
На средбата присуствувале и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и министерот за одбрана на Република Бугарија, Ѓеорги Панајотов.