Имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое сме убедени дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија, оцени премиерот Зоран Заев за предлог решенијата на министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји.
Силва и Вархеји попладнево во Клубот на пратениците во Скопје, пред премиерот Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, ги презентираа предлог-решенијата за надминување на проблемот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.
– Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република С. Македонија и Република Бугарија. Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение. Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за С. Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји.
Тој смета дека е вистинскиот момент да се оди чекор понатаму, и час поскоро да се постигне договор во интерес на заедничката европска иднина, а тоа како што наведе, „го очекуваат и го бараат граѓаните на двете земји, го очекуваат Европејците, тоа а си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот“.
Заев им се заблагодари на Силва и Вархеји за ангажманот да им помогнат на Скопје и Софија да се реши проблемот.
– Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ, истакна Заев.