Брзото ширење на мутацијата на коранавирусот, која првпат беше откриена во Бразил, е главната причина за загриженост низ светот, пишува Би Би Си.
Претседателот Жаир Болсонаро на самиот почеток ја потценуваше опасноста од коронавирусот, но сега се фокусира на националната кампања за вакцинација, која според неговите критичари е задоцнета.
Бразилскиот институт за јавно здравје „Фиокруз“ соопшти дека се откриени 92 мутации на коронавирусот во земјата, од кои најопасна е П.1, што предизвика загриженост, бидејќи се смета дека е многу позаразна од првичниот вид на вирусот.
Бразил има најголем број на починати од Ковид-19 во Латинска Америка, а последните недели еден од четири пријавени смртни случаи на коронавирусот во светот е во Бразил.
Докторот Мигел Николелис, бразилски професор по невробиологија, вели дека болниците во земјата се во колапс и ова е првпат во историјата да се распаѓа јавниот здравствен систем. Тој посочи дека ситуацијата може да биде ублажена доколку се набават поголеми количества на вакцини.
Николелис нагласи дека Бразил не е само епицентар на пандемијата во целиот свет, туку и дека претставува закана за целокупните напори на меѓународната заедница да ја контролира болеста.
Микробиологот Наталија Пастернак смета дека Бразил има добра програма за имунизација, една од најдобрите во светот, но дека нема вакцини. До крајот на март, Бразил доби само околу половина од планираните 46 милиони дози вакцини.