Седумдесетипетгодишен патник е уапсен на аеродромот во Сплит откако предизвикал итна евакуација на авионот на „Ер Србија“ на летот кон Белград, тврдејќи дека во леталото има бомба. Иако веднаш по изговорените зборови рекол дека само се шегувал, сплитско-далматинската полиција ги активираше сите безбедносни протоколи и изврши целосна антиексплозивна проверка. Неофицијално, според информациите на весникот „Слободна Далмација“, приведениот патник е свештеник.

Сплитско-далматинската полиција потврди дека при деталниот преглед на авионот, багажот и сите патници не била пронајдена никаква експлозивна направа.

Против уапсениот 75-годишник е отворена кривична истрага поради сомнение за сторено кривично дело лажна тревога, откако околу 15:25 часот, додека авионот се подготвувал за полетување, му соопштил на екипажот за наводната бомба, а потоа се оправдувал дека тоа го кажал на шега.

Поради инцидентот, летот предвиден за 15:20 часот доцнеше повеќе часови. Патникот Винко Паиќ раскажа дека полицајци во униформа и цивилна облека ненадејно влегле и извеле седокос маж од предните редови, по што стјуардесата му потврдила дека патникот го спомнал зборот „бомба“. Дел од патниците сами го напуштиле авионот од страв, а околу 15:40 часот пилотот ги известил сите да се симнат поради безбедносна проверка, по што авионот конечно полетал за Белград непосредно пред 19 часот.