Португалија воведе забрана за покривање на лицето на јавни места, а за прекршување на новите правила се предвидени парични казни од 150 до 3.000 евра. Локалните медиуми прописите ги нарекоа „закон за бурка“.
Законот забранува носење облека со која лицето целосно се покрива или се оневозможува идентификација. Дополнително, забрането е и присилување други лица да го покриваат лицето врз основа на пол, вера, возраст или потекло.
„Лицето мора да се смета за централен елемент на човековиот идентитет и комуникација“, порача португалскиот претседател Антонио Жозе Сегуро. Тој притоа призна дека станува збор за прашање со „голема општествена и културна чувствителност“.
Од забраната се изземени случаите кога лицето се покрива од здравствени, професионални, уметнички или временски причини. Правилата не се однесуваат ниту на верски објекти, дипломатски претставништва и авиони.
Законот во португалскиот парламент беше изгласан во јули, со поддршка од владејачката десничарска коалиција и партиите од крајната десница. Левичарските партии, пак, гласаа против.
Предлог-законот беше поднесен од десничарската партија „Чега“. Против него се изјаснија Португалската адвокатска комора, Високиот совет на државното обвинителство и Португалската асоцијација на адвокатки. Правните експерти изразија загриженост и дека законот би можел да биде неуставен.
Социјалистичката партија (PS), зелено-левичарската „Ливре“ и Португалската комунистичка партија (PCP) исто така се спротивставија на предлогот.
Социјалистите ја осудија, како што наведоа, „очигледната исламофобна намера во образложението на законот, контекстот на радикализам во кој живееме и ризиците што тоа ги создава за директно погодените заедници“.
Од Комунистичката партија изјавија дека предлогот „нема никаква врска со правата на жените ниту со безбедносните прашања“ и дека неговата „единствена цел е поттикнување говор на омраза и насилство кон оние кои се различни“.
Партијата „Ливре“ ја обвини десницата за лицемерство и пристрасност во дебатата. Според нив, во Португалија се обидува да се создаде „морална паника поради наводната исламска инвазија за која десницата често зборува“.
