Со новата регулатива ќе може да се легализираат сите бесправно изградени објекти од 2011-та наваму, а од кривична одговорност ќе бидат бидат ослободени прекршителите.
Дозволено ќе биде легализација на дивоградби во заштитени подрачја, но и заштитни зони на извори за вода за пиење.
Петмина пратеници од помалите политички партии од владејачкото мнозинство преку писмо ќе бараат од претседателот на државата да не го потпише Законот. Велат, ваквиот закон не е ништо друго освен Закон за амнестија. Според нив, со овој закон се испраќа порака до граѓаните дека може да градат без да поседуваат градежна дозвола, да узурпираат државно земјиште и оти подоцна ќе им биде овозможено да легализираат.
Претседателот Пендаровски ќе го разгледа Законот.
-Претседателот Стево Пендаровски ќе го разгледа текстот на законот по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста, велат од неговиот кабинет.
Големите партии кои го донесоа, го бранат Законот. Од Владата велат дека за легализација во заштитени подрачја ќе бидат потребни посебни дозвола од наделжните институции, а Законот ќе помогне и за легализација на државни објекти. Според опозицијата, пак, Законот е во интерес на граѓаните, особено на оние во социјален ризик.
Законот предвидува легализација на дивоградбите изградени до денот на негово стапување во сила и нема рок на важење. Тоа значи дека ќе важи додека правосилно не се завршат сите постапки. Казна за оние кои граделе на диво ќе бидат за 50 отсто повисоки комуналии. Со ова државата ги ослободува од судски постапки сите кои досега бесправно граделе.
Исклучок е охридскиот регион кој е под заштита на УНЕСКО, како и станбените згради и големи комплекси кои се изградени илегално,пренесуваат од Сител.