Музичкиот свет се уште се сеќава на 16 октомври 2007 година. Тоше Проески не напушти прерано тој тажен ден. Во сабота, 16 октомври 2021 година, се одбележуваат четиринаесет долги години од овој трагичен настан.

Да се потсетиме, Тоше Проески (26) почина во екот на својата слава, на 16 октомври 2007 година, околу 6.20 часот, во тешка сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка.

Традиционално, во пресрет на оваа тажна годишнина, фановите подготвуваат бројни настани во спомен на Тоше, пренесува Тера.мк.

Еден од нив е и маратонот на кој маратонците, трчаат од Нова Градишка, Хрватска до родното Крушево на Тоше.

После оддавањето на почит со палење на свеќи и полагање на цвеќе пред споменикот на Тоше во Нова Градишка, вчера започна и меморијалниот маратон.

Покрај претставниците на градот и туристичката заедница на Нова Градишка, беше присутен и др.Милаим Фетаи, амбасадорот на Македонија во Хрватска.

Маратонците Тоше Анчев, Наум Капричевски, Никола Гелов, Фидан Арсовски и Александар Митревски, во Загреб беа примени од амбасадорот и од директорката на Културно информативниот центар на Македонија во Хрватска, Наталија Поповска.

Тоше ни остави неизбришлива трага во неговото наследство, без разлика дали зборуваме за неговите човечки или музички вредности, а во деновите што следат, секој се сеќава на него на свој начин.

На 16 ти октомври во Спомен куќата на Тоше ќе се одржи изложба , а во Крушево покрај маратонците се очекуваат неговите фанови од Македонија и од странство.