Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја започна постапката за влез на унгарската телекомуникациска компанија „4iG како трет мобилен оператор на македонскиот пазар. Компанијата веќе е присутна на пазарите во Албанија и Црна Гора под брендот „ONE“, а сега преку македонската фирма „Оне Македонија Телекомуникации“, има намера да им конкурира на А1 Македонија и Македонски Телеком.
АЕК објави намера за организирање јавен тендер со јавно наддавање за издавање одобренија за користење на радиофреквенции. Барањето е на новата македонска компанија во сопственост на 4iG. Постапката ќе трае еден месец, до 16 мај, кога заинтересираните компании ќе може да достават писма за интерес. На тендерот нема да можат да учествуваат постојните два мрежни оператори, со цел да се овозможи влез на нов играч на пазарот.
Ќе бидат понудени три фреквенциски опсези со вкупна почетна вредност од над 8 милиони евра. Министерот за транспорт Александар Николоски претходно потврди дека е потпишан меморандум за разбирање со унгарската компанија. Повеќе детали за влезот на трет мобилен оператор може да прочитате од веста во продолжение:
Владата и телекомуникациската компанија „4iG” потпишаа Меморандум за разбирање
Иако во земјава постојат и четири виртуелни оператори, пазарот останува доминиран од А1 и Македонски Телеком со над 96% учество. Влезот на трет мрежен оператор се смета за клучен чекор кон подобра конкуренција, поевтини услуги и поголем избор за граѓаните.
Новиот оператор ќе донесе поголема конкуренција, поевтини цени и повисок квалитет на услугите. Според најавите, 4иГ планира да инвестира 100 милиони евра во следните 10 години.