Финансиската полиција поднесе кривична пријава против правно лице и сопственикот поради сомнение за даночно затајување во износ од околу 1,6 милиони евра. При спроведениот попис во рамките на отворената стечајна постапка било утврдено дека целосно недостига трговска стока чија вредност се проценува на приближно 5,6 милиони евра.
Според доставената пријава до Основното јавно обвинителство, спорната стока била присвоена од страна на сопственикот на фирмата, иако во деловните книги таа се водела како редовна залиха. Пописната комисија, формирана од надлежниот стечаен управник, при теренската контрола воопшто не ја пронашла заведената стока.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против сопственикот и управител В.Т., како и против самото правно лице, товарејќи ги за сторени кривични дела даночно затајување и фалсификување или уништување деловни книги.
„Во текот на 2024 година, првопријавениот В.Т., во својство на сопственик и управител на пријавеното правно лице, свесно и со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист, ја присвоил набавената трговска стока, евидентирана како залиха на правното лице, која при извршениот физички попис од страна на пописна комисија формирана од стечајниот управник не била затекната на лице место“, се наведува во соопштението на Финансиската полиција.
Констатираниот кусок на залихите не бил прокнижен во сметководствената евиденција на фирмата. Според пресметките што ги направиле инспекторите, фирмата избегнала плаќање на околу 1 милион евра за данок на додадена вредност (ДДВ) и приближно 622.000 евра врз основа на данок на личен доход.
„Со ваквите дејствија, според наводите во пријавата, првопријавениот, преку пријавеното правно лице, избегнал пресметување, пријавување и плаќање на законски утврдените даночни обврски по наведените основи“, информираат од Финансиската полиција.
