„Ер трактор“ авиони се вклучуваат во гаснење на пожарот кај Желино
Во гаснење на пожарот кај Желино и Еребино, кој зафати сува вегетација и грмушки, од 16 часот ќе бидат ангажирани два авиона „Ер трактор“, информираше Дирекцијата за заштита и спасување. На терен веќе дејствуваат еден армиски хеликоптер, полициски камион МАН со цистерна од осум тона и воден топ, две теренски возила пинцгауер, едно возило „хермелин“, 30 припадници на Армијата и повеќе екипи на скопската и тетовската противпожарна единица.
ВИДЕО: Голем пожар во Желино, подметнат со гуми кои биле запалени и пуштени да се тркалаат
Затворен патот Тетово – Скопје, сообраќајот пренасочен
Поради пожарот, од 13:15 часот е затворен регионалниот пат Тетово – Скопје. Поточно затворена е делницата од Добарскиот надвозник до бензинската пумпа „Џезо Петрол“. Сообраќајот се пренасочува преку автопатот Тетово–Скопје, кај селата Групчин и Желино, соопшти АМСМ.
Шест активни пожари на отворено низ државата до 14 часот
Заклучно со 14 часот, денеска на територијата на државата се регистрирани 11 пожари на отворен простор. Од нив, шест се сè уште активни, три се ставени под контрола, а три се целосно изгаснати.
Активни пожари и во Василево, Македонски Брод, Прилеп и Велес
Освен кај Желино, активни пожари има и во село Нивичино (општина Василево), каде гори нискостеблеста шума, како и во село Грешница (општина Македонски Брод), каде што е зафатена мешана шума и ниска вегетација. Пожар беснее и во Прилеп, меѓу селата Царевиќ и Смолани. Поради силен ветер, повторно е активен пожарот кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци (општина Велес), каде се гори деградирана нискостеблеста шума. Активен е и пожарот во општина Сарај, во близина на Обиколницата, каде што гори сува трева.