Сите патни правци низ државата се проодни, а екипите континуирано го расчистуваат снегот со сета расположлива механизација. Од вчера Македонија е зафатена од снежни врнежи, при што снежна покривка е формирана и во градските средини.
На државните патишта сообраќајот се одвива по влажни коловози. Според официјалниот утрински извештај на Авто-мото сојузот на Македонија, на четири патни правци и понатаму се во сила забрани за движење на тешки товарни возила.
Движењето на камиони е забрането на патниот правец Маврово-Дебар, како и преку планинскиот превој Стража меѓу Гостивар и Кичево, каде што забраните стапија на сила вчера во 18 часот. Од синоќа во 22:15 часот активна забрана има и на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, а од 00:20 часот забраната важи и на делницата Битола-Ресен преку превојот Ѓавато.
На патниот правец Ресен-Охрид преку Буково забраната за товарни возила е укината изутринава во 7:30 часот. Претходно, во 7 часот сообраќајот беше целосно нормализиран и на патот од Делчево до граничниот премин Делчево.
Од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта информираат дека сообраќајот се одвива непречено и дека сите човечки и технички капацитети се на терен.
„Нашите екипи континуирано ја следат состојбата на патиштата и со максимална ангажираност се работи на терен на навремено расчистување, одржување и обезбедување на проодноста на патните правци, посебно на планинските превои. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да покажат дополнителна внимателност и одговорност при управувањето со своите возила. Препорачуваме прилагодена брзина на движење согласно условите на патиштата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата особено во услови на намалена видливост. Потсетуваме на задолжително поседување на зимска опрема во возилата. Јавното претпријатие во континуитет ја следи состојбата на патиштата и навремено ги ангажира сите расположливите ресурси, со цел обезбедување безбедни и проодни патни правци низ државата“, соопштија од јавното претпријатие.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е со умерен карактер, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез или излез од државата.
Надлежните апелираат за зголемена претпазливост при возењето, особено низ котлините, речните долини и клисурите каде што постои честа појава на одрони. Како критични делници се издвојуваат Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево.
