Четири плажи во Црна Гора беа затворени, а на нив беа поставени црвени знамиња како предупредување за капачите, откако анализите покажаа загадување на морската вода по излевање фекалии, објави „Вјести“.
Според резултатите од испитувањата, морската вода на плажите Жукотрлица 02 и Жукотрлица 03 во Бар, како и на Словенска плажа 01 и Пржно во Будва, првично била оценета како небезбедна за капење.
Минатата недела посетители забележале излевање канализација во морето на најмалку две локации во Бар. Од каналите под поранешните ресторани „ББ“ и „Амфора“ се излевала матна течност со кафеава боја, проследена со непријатна миризба што се ширела долж крајбрежјето, вклучително и во близина на плажите со лежалки.
Анализите на Институтот за морска биологија, спроведени од 20 до 23 јули на 114 локации, покажале дека морската вода била со одличен квалитет на 78,9 проценти од испитаните места. Во Бар, одличен квалитет бил утврден на 13 локации, додека Жукотрлица 02 и Жукотрлица 03 биле оценети со лош квалитет.
Во Будва, одличен квалитет бил регистриран на 27 локации, добар на две, а задоволителен на три. Лош квалитет бил утврден на Словенска плажа 01 и Пржно.
Од Јавното претпријатие за управување со морското добро соопштија дека повторните анализи извршени во вторникот покажале подобрување на состојбата на плажите Жукотрлица 02 и Жукотрлица 03.
„На локациите Жукотрлица 02 и Жукотрлица 03 во Бар, квалитетот на водата варира од добар до задоволителен, што значи дека водата на овие локации повторно е безбедна за капачите“, соопштија од претпријатието.
Сепак, забраната за капење на плажата Пржно во Будва останува во сила, бидејќи водата таму сè уште е загадена.
„Институтот за морска биологија продолжува со вонредно земање примероци од локацијата Пржно, а јавноста навремено ќе биде информирана за новите резултати“, се наведува во соопштението.
