Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја заокружи општата расправа по предлог-буџетот за 2027 година во фаза на второ читање. Парламентарната седница на ова матично работно тело продолжува утре со почеток во 11:30 часот, кога на дневен ред доаѓа поединечниот претрес по поднесените амандмани, за кои овластените предлагачи поднесоа повеќе од 300 предлози за измени.
Пратениците од владејачкото мнозинство во своите обраќања истакнаа дека предложената буџетска рамка за 2027 година обезбедува одговорно раководење со јавните финансии, ја штити макроекономската и финансиската стабилност, овозможува навремено сервисирање на обврските кон граѓаните и отвора простор за капитални инвестиции и економски раст. Спротивно на тоа, опозициските претставници реплицираа дека владините проекции се нереални, а зголемениот дефицит и новите задолжувања сериозно го поткопуваат развојниот потенцијал на земјата.
Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски нагласи дека власта на јавноста ѝ презентира фиктивна развојна слика која во реалноста не е поддржана со економски показатели.
„Вие имате буџет за 2027 година со убава приказна за развој, но фактичката состојба е една сериозна стагнација“, рече Спасовски.
Тој дополнително потенцираше дека планираните капитални расходи остануваат на мошне ниско ниво во споредба со останатите ставки од буџетот, нагласувајќи дека кратењето на парите во витални сектори како земјоделството директно им штети на граѓаните.
Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов упати остри критики за економското владеење на поранешната власт, правејќи директна споредба на претходниот економски раст од само 1,1 процент со актуелниот просек од 3,7 проценти и остварениот раст од 4,2 проценти во вториот квартал.
„Главната бројка од којашто тргнува секој буџет е економскиот раст, просекот на економски раст, додека вие бевте министер, премиер во владите, беше 1,1 процент. Денес просекот е 3,7, а во вториот квартал од оваа година имавме 4,2. Оние јадни 1,1 се повеќе од 4,2 и четири пати помалку. Честопати се подигрувате со третата економија, точно е тоа дека македонската економија расте побрзо од еврозоната и тоа е нормално бидејќи сме мала држава, но ние бевме мала држава кога беше Оливер премиер и министер на таа влада кога бевме мала држава ама со 1 процент растевме, бевме под еврозоната, бевме стота економија и тоа е многу манипулативно“, рече Пренџов.
Пренџов потсети и на периодот кога инфлацијата изнесуваше 19,8 проценти, потенцирајќи ги мерките со кои се обезбедија дополнителни средства за плати во образованието и полицијата, како и рекордни буџетски пари за пензиите.
„Во време кога вие бевте втор човек или прв човек во владата имавме 19,8 проценти инфлација, по трипати во маркетите во денот се покачуваа цените, а цената на енергенсите беше иста и слична како сега. Знаат луѓето, господине Спасовски, и не случајно на сите анкети се произнесуваат на начин на којшто претседателот на СДС има рејтинг каков што има, а партијата е таму каде што е петта партија во Скопје. Знаат дека во МВР имаме покачување на платите, знаеме дека во образование имаме 48 проценти покачување кумулативно. И затоа, почитуван господине Спасовски, во рамки на буџетов којшто го критикувате не забележавте дека имаме 3,4 милијарди денари повеќе за плати, не забележавте дека имаме 5,6 милијарди денари повеќе за пензии, не забележавте дека имаме во кварталите раст на оперативен план за вработување и Македонија да биде држава со минимум број на невработени“, нагласи Пренџов.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески образложи дека овој буџетски предлог претставува документ со силна социјална и економска компонента.
„Овој буџет се темели на три суштински столба: економски раст од 3,8 проценти, финансиска стабилност и континуирано подигнување на животниот стандард на граѓаните“, рече Ристески.
Ристески ги повика колегите да се обединат околу капиталните вложувања од 40,8 милијарди денари кои ќе ги почувствуваат сите граѓани во секојдневниот живот.
„Затоа ве повикувам сите да ја надминеме дневната политика и да дадеме поддршка за овој развоен буџет“, порача Ристески.
На неговата дискусија реплицираше опозицискиот пратеник Фатмир Битиќи, кој го отвори прашањето за недоволните буџетски алокации за клучните болнички капацитети во државата.
„За Клиничкиот центар во Скопје, Штип, Тетово и Кичево во буџетот има само 60 милиони денари, односно околу еден милион евра. Како ќе се продолжи со тие проекти со толку средства?“, праша Битиќи.
Битиќи изрази загриженост дека постојаниот раст на јавниот долг создава долгорочна нестабилност на буџетскиот систем.
Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Никола Коњановски, во својот говор ги наведе конкретните фискални параметри според кои приходите ќе изнесуваат 395,4 милијарди денари, а расходите 440,4 милијарди денари.
„Предлог-буџетот за 2027 година предвидува вкупни приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Приходите се проектирани да растат побрзо од расходите, а буџетскиот дефицит е утврден на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП. Оваа рамка треба да овозможи редовно исполнување на обврските на државата, продолжување на инвестициите и постепено зајакнување на јавните финансии. За исплата на пензиите се планирани 123,8 милијарди денари. Редовната и предвидлива пензија е прашање на достоинство, самостојност и сигурност. За социјална заштита се предвидени околу 14,3 милијарди денари. Важно е овие средства да стигнуваат навреме, според јасни критериуми и без непотребни административни пречки. За здравствена заштита преку Фондот за здравствено осигурување планирани се 58,7 милијарди денари. Истата определба важи и за образованието“, рече Коњановски.
Пратеникот Александар Јамалов се фокусираше на намалувањето на буџетскиот дефицит и задржувањето на фискалната стабилност без да се загрозат социјалните трансфери за ранливите категории.
„Социјалната сигурност и здравството остануваат меѓу најважните приоритети. Особено значајно е што за пензиите се предвидени 123,818 милијарди денари, односно 5,660 милијарди денари повеќе во споредба со рамката за 2026 година. За здравствената заштита се планирани 58.703 милијарди денари, што претставува зголемување од 2,818 милијарди денари“, истакна Јамалов.
Финалните проекции покажуваат раст на приходите од 5,7 отсто и раст на расходите од 4,8 отсто во однос на 2026 година, додека даночните приходи се очекува да достигнат 223,1 милијарди денари. Покрај буџетскиот дефицит од 45 милијарди денари, државата следната година мора да сервисира и долгови во вкупен износ од 124,6 милијарди денари, каде што спаѓа и исплатата на еврообврзницата од 500 милиони евра.
