Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина им ги предала на американските преговарачи своите предлози за план за завршување на војната со Русија.

Изјавата на Зеленски доаѓа во услови на најави од Москва и Киев дека американските преговарачи наскоро би можеле да ги посетат двете земји во рамки на напорите за продолжување на мировниот процес.

– Ги предадовме нашите предлози на американската страна. Но, Соединетите Американски Држави можат да помогнат во зајакнувањето на нашата одбрана, пред сè со испорака на системи за противвоздушна одбрана, како и со притисок врз Русија да се подготвува за крај на војната, а не за продолжување на конфликтот – рече Зеленски во своето синоќешно видеообраќање.

Украинскиот претседател не соопшти детали за предлозите што ѝ биле доставени на американската страна.

Американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер последен пат ја посетија Москва во јануари, но досега не го посетиле Киев.

Мировните напори меѓу Русија и Украина се во застој, додека Вашингтон продолжува да настојува да ги придвижи преговорите и да ги приближи двете страни кон договор за завршување на конфликтот.