Засилени инспекциски контроли во училиштата, градинките и угостителските објекти

По трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ЗЕЛС најави координирани вонредни контроли во сите општини низ земјава. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека инспекциските служби ќе добијат засилени задачи.  Особено во проверката на безбедноста на објектите каде што престојуваат деца и млади.

„Ќе има нулта толеранција за неправилности. Објектите кои не се безбедни ќе добијат итни налози за отстранување на недостатоците. Ако е потребно, тие ќе бидат привремено затворени додека не се исправат забелешките“, порача Ѓорѓиевски.

Приоритет: безбедноста на младите

На утрешниот состанок на општинските власти ќе се проценува каде недостигаат инспектори, за да бидат ангажирани од други општини што веќе ги завршиле своите проверки. Ќе бидат контролирани градинки, училишта, културни домови, спортски сали, угостителски објекти и други јавни згради.

Николоски на средба со ЗЕЛС: Нашата цел е да има рaзвој на општините, да имаат подобри услуги за граѓаните

Посебен акцент ќе се стави на противпожарната безбедност, функционалноста на хидрантските системи, исправноста на електричните инсталации и поседувањето на сите неопходни безбедносни документи.

Инспекторите веќе на терен

Некои општини, особено во Скопје, веќе започнаа со инспекциските контроли. Првично се проверуваат документите на угостителските објекти и училиштата, а во втората фаза ќе следи проверка на фактичката состојба.

„Граѓаните треба да бидат активни и да пријавуваат неправилности. Првичните проверки во мојата општина покажаа дека градинките и училиштата се безбедни“, изјави Ѓорѓиевски.

Со оваа акција, ЗЕЛС и локалните власти настојуваат да спречат нови трагедии и да обезбедат безбедна средина за сите граѓани, особено за младите.

Извор: Сител